Почнувајќи од 2010та, секоја година на крајот на месецот јуни, во реномираниот ресторан "Виа Игнација", во Вевчани, се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. На оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 50 еминентни ликовни уметници од Република Македонија, но и од Република Грција, Русија, Бугарија, Албанија, Србија, Египет, Франција...
Целта на оваа колонија е да претставува простор каде секоја година ќе се обединат голем број светски признаени уметници, кои инспирирани од убавините на Вевчани и неговите извори, ќе ја промовираат соработката и почитта помеѓу народите и државите и ќе создаваат уметнички дела кои ќе придонесуваат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување.
До сега на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ учество имаат земено голем број еминентни ликовни уметници, меѓу кои академик Глигор Чемерски, Трајче Јанчевски, Илија Кафкалески, Стеван Поповски, Павле Кузманоски, Таки Павловски, Доне Миљановски, Ставре Димитров - Стадим, Данчо Ордев, Ниче Василев, Петар Попчев, Владимир Темков, Јулијана Гешоска, Решат Амети, Емил Шулајковски, Оливера Велкова, Војдан Запров и Александар Филев од Република Македонија, како и Рајко Тодоровиќ - Тодор и Ана Лаковиќ од Црна Гора, Петар Белаишки и Милисав Бонов - Мибо од Бугарија и Ана Богданова, Ирина Ефимова и Ана Фервалева од Русија, Сает Дервиш од Египет, Клод Дервен и Весна Бајалска од Франција, како и многу други личности од други држави.
Изминатите години со слики од Колонијата беа организирани поголем број изложби, меѓу кои и во Подгорица - Црна Гора, Софија - Бугарија, како и во Скопје, но и низ други градови во Македонија, кои предизвикаа голем интерес кај ликовната публика, но и кај пошироката јавност.
На крајот од секоја колонија, а во функција на натамошно афирмирање на уметноста, организаторите издаваат висококвалитетен каталог на македонски и на еден друг светски јазик (најчесто англиски или француски) на кој се поместени фотографии од делата на авторите со нивна биографија и контакти, како и соодветни критики во однос на истите. Примероци од Каталогот, потоа, освен на учесниците има се доставуваат и на поголем број еминентни институции и личности од светот на уметноста од Република Македонја и од странство.